Пет милиони евра ќе се инвестираат во штипската филтер станица со цел да се приспособи за добивање на вода од хидросистемот Злетовица. Ова денеска го објави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски при посетата и обиколката на филтер станицата.
Тој истакна дека тендерот за нова опрема, но и за доизградба на друг објект во рамки на филтер станицата е распишан, а веќе на 5 февруари се затвора тендерот.
Димковски забележа дека целта на Владата е хидросистемот Злетовица да се стави во функција, бидејќи во моментов со вода за пиење од него се снабдуваат само две општини, Пробиштип и Свети Николе, додека во Штип, Карбинци и Лозово се потребни дополнителни инвестиции.
– Во Карбинци веќе е затворен тендерот и е избран изведувачот. Проектот е проценет на 85 милиони денари, а овде во Штип проценетата вредност е 290 милиони денари за доизградба на филтер станицата со најсовремена технологија односно со ултрафилтрација. Така што се очекува на 5 февруари да се затвори повикот односно оние фирми што имаат пројавено интерес нивните апликации ќе се разгледаат и многу бргу очекувам да се започне со активностите, бидејќи парите се обезбедени во буџетот преку МЗШВ – вели Димковски.
Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски забележа дека со преадаптацијата на филтер станицата и новата опрема Штип долгорочно го решава проблемот со водоснабдувањето.
Се очекува изградбата и инсталирањето на опремата да бидат завршени во рок од една година.
-Токму поради ова навистина е голема инвестиција од пет милиони евра која што ќе се вгради во опрема и во одредена доградба на уште еден објект до самата филтер станица, со цел да ја преработува водата од хидросистемот Злетовица. Со тоа го решаваме долгорочно снабдувањето со вода на градот Штип – рече Бочварски.
Тој истакна дека во услови на климатски промени кои се одразуваат и врз нивото на подземните води во бунарите ваквите инвестиции се потребни за градот Штип. Во моментов од постојниот бунарски систем филтер станица преработува и дистрибуира вода до граѓаните од 180 до 200 литри во секунда, но со новата инвестиција во филтер станицата, дистрибуцијата на водата за пиење ќе биде и до 300 литри во секунда.