Кинеските здравствени власти денеска соопштија дека се регистрирани уште четири лица кои се инфицирани со новиот коронавирус во градот Вухан.
До сега од коронавирусот заразени се 50 лица и тоа оние кои патувале или живеат во Вухан.
Светска здравствена организација (СЗО) предупреди на можноста од ширење на епидемија со оглед на тоа што голем број Кинези најавија патувања во земјата и во странство поради Кинеска Нова година.
Тајланд претходни соопшти дека кај двајца кинески патници од Вухан е откриен коронавирусот, додека во Јапонија е потврден еден случај. Заразен е јапонски државјанин кој претстојувал во Вухан.
Поради новиот вирус американскиот Центар за контрола и превенција на болести синоќа соопшти дека ќе ги прегледува патниците кои со авион пристигнуваат од Централна Кина. На патниците ќе им се мери температура и ќе бидат прашувани дали имаат симптоми на болеста предизвикана од новиот коронавирус, од кој во Кина починаа две лица, а десетици се инфицирани.
Лекарска контрола ќе се спроведува на аеродромите во Њујорк, во Сан Франциско и во Лос Анџелес, на кои слетуваат најмногу авиони од Вухан, Централна Кина каде се појави болеста слична на воспаление на белите дробови.
Коронавирусот припаѓа на истата група како САРС (тежок акутен респираторен синдром) и МЕРС (блискоисточен респираторен синдром).
Во епидемијата на САРС во 2003 година во Кина и во другите азиски земји починаа неколку стотици луѓе.