Украинските власти отворија истрага поради основано сомнение следење и шпионирање на висок американски дипломат, Мари Јованович, која лани во мај беше сменета од позицијата амбасадор на САД во Киев.
Според МВР на Украина, истрагата е одговор на објавените документи, пораки и белешки од Комисија за разузнавање во американскиот Конгрес, од кои се дознава дека таа била нелегално шпионирана додека ја вршела својата функција во Украина.
Пораките објавени завчера, а предадени од осомничениот американско-украински бизнисмен Лев Парнас, соработник на Руди Џулиани, откриваат како Роберт Хајд, републикански кандидат за конгресмен од Конектикат, испраќа навреди за Јованович и сугерира дека тој ја следел во Киев и ги предавал информации за нејзиното движење на Парнас.
Јованович беше еден од клучните сведоци во демократската истрага за импичмент на претседателот Доналд Трамп.
– Позицијата на Украина не е да се меша во внатрешните работи на САД. Сепак, објавените податоци содржат факти на можно кршење на законот на Украиа и Виенската конвенција за дипломатски односи, која ги штити правата на дипломатите на територијата на други земји – се вели во изјавата на украинското МВР.
Се додава дека Украина не може да ги игнорира таквите нелегални активности, и затоа е започната криминална истрага.
Од американскиот Стејт департмент сеуште нема коментар за наводното следење на американски амбасадор во Киев и дали слична истрага ќе започнат и американските власти.
Самиот Парнас пак вчера во интервју за „Ем-ес-ен-би-си“, откри дека пораките на Хајд биле „несериозни“ и дека тој се претставувал како информатор и фактор во тесниот круг на луѓе околу Трамп, иако не соработувал ниту со Џулијани ниту пак со претседателот.
– Хајд беше постојано присутна фигура во бар во хотелот Трамп, и честопати во алкохолизирана состојба – изјави Парнас во синоќешното интервју со водителката Рејчел Медоус.