Во јануарските плати работодавачите ќе треба да ги пресметаат и зголемените придонеси за пензиско и здравствено осигуруање. Според Законот за придонеси на платите донесен во декември лани од годинава ќе се применува целиот износ на зголемената стапката од 18,8 отсто за пензиско и 7,5 отсто за здравествено осигурување.
Воведувањето на повисоката стапка, како што беше соопштено лани, се имплементира постепено. Стапката за пензиско осигурување лани се зголеми за 0,4 отсто, а на здравстеното осиигурување за 0,1 отсто и изнесуваше 18,4 кај пензиското и 7,4 кај здравственото осигурување.
Од Организацијата на работодавачите велат дека тое значи повисок трошок за бизнисите, но е добро што финансиски се стабилизираат фондовите.
– Се работи за компромис при намерата за финансиското стабилизирање на фондовите и зголемувањето на трошоците на фирмите. Владата одлучи да оди постепено со зголемувањето на придонесите кое е минимално, но определи и субвенции на придонесите за зголемување на платите и тоа некако го балансира новиот трошок на фирмите – вели Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи.
Од Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори, пак, велат дека не е добро што покривањето на „дупката“ во фондовите за ПИОМ и за здравство се прави со повисоки стапки на придонесите бидејќи тоа оди на товар на вработените.
– Ефективен начин на подобрување на состојбата на фондовите се прави со нови вработувања, задржување на кадарот во земјава и секако со намалување на сивата економија која јаде голем дел од колачот, а не придонесува ништо во буџетите на фондовите и државата- вели Благоја Грозданов од Комората на сметководители.
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување Шаип Зенељи на крајот на минатата година изјави дека реформата на пензискиот систем со која се зголеми придонесот за 0,4 отсто даде позитивни резултати. Дефицитот на буџетот на фондот се намалил за 3 милијарди денари (48,7 милиони евра), а вкупните приходи пораснале за 10 отсто.