Претседателското обраќање до нацијата за состојбата во државата првпат се одржува на почеток на година, со цел да се забрза решавањето на големите социјални, економски и технолошки проблеми со кои се соочува земјата, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин пред пратениците во федералниот Парламент.
Тој потсети дека содржината и мерилата на тие задачи се одразуваат врз националните проекти, чија примена ќе бара нов квалитет на управување со државата, работата на владата и сите нивоа на власт, како и директен дијалог со луѓето.
Нагласи дека сега во општеството е јасно дефинирано барањето за промена.
Според него, луѓето сакаат да видат развој и да напредуваат во професионалниот живот, добивањето знаење и достигнување просперитет, но подготвени се да преземат одговорност за конкретни задачи.
Путин изрази незадоволство од наталитетот во Русија.
– Во Русија денес живеат речиси 147 милиони луѓе, но земјата се наоѓа во многу тежок демографски период, бидејќи стапката на наталитет повторно се намалува – предупреди рускиот претседател.
Путин нагласи дека, според прелиминарните проценки, вкупната стапка на наталитетот во 2019 година изнесувала 1,5 и порача дека тоа не е доволно. Тој оцени дека ниските приходи на повеќето домаќинства со деца претставуваат директна закана за демографската иднина на Русија.
ФОТО: EPA / YURI KOCHETKOV