Српската опозиција бара оставки и вонредна состојба заради загадувањето

СзС бара разрешување на министерот за животната средина Горан Триван, директорот на Агенцијата за заштита на животната средина Филип Радовиќ, како и на директорот на Градскиот институт за јавно здравје Душанка Матијевиќ

109

Пратеничката група на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) побара од градоначалникот на Белград, Зоран Радојичиќ, веднаш да прогласи вонредна состојба заради огромното загадување на воздухот.

-Бараме и разрешување на министерот за заштита на животната средина Горан Триван, директорот на Агенцијата за заштита на животната средина Филип Радовиќ, како и на директорот на Градскиот институт за јавно здравје, Душанка Матијевиќ – изјави шефот на пратеничката група и потпретседател на Народната странка (НС), Никола Јовановиќ.

Тој истакна дека е апсолутно неприфатливо републичките и градските власти да не преземаат ништо и да ја игнорираат ситуацијата која има директен и погубен ефект врз здравјето на луѓето во Белград.

-Особено е катастрофално тоа што на три термоцентрали во околината на Белград (ТЕНТ А, ТЕНТ Б и Колубара) им недостасуваат филтри за десулфуризација, а Владата на Србија дава пари за стадионот во Сурчин, кои би биле доволни за да се реши овој проблем – рече Јовановиќ.

Тој додаде дека покрај проблемот со недостаток на филтри, загадувањето на воздухот во последниве денови е зголемено и како резултат на инверзија на температурата и од индивидуалните ложишта, но и поради слабиот проток на сообраќај во градот, што е резултат на криминалната реконструкција на улиците.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...