Во македонскиот културен центар во Истанбул е отворена изложбата „Раскажани приказни” на дела од македонската уметница Љубица Мешкова-Солак, изработени заедно со Мирјана Крстева-Масети.
Изложбата е сублимат на 10 разни приказни „напишани“ од авторките и нивните гостинки, кои се креативни и инспиративни жени.
– Идејата за да се споиме и на ваков начин и да ја склопиме поставката некако спонтано се наметна читајќи текстови од Јунг и неговите анализи и психоанализи, како и неговите карактеристики на жените со архетипови од античките божици како Хера, Деметра, Хестиа итн. и разработувајќи го моментот на самоанализа – изјави Солак.
Формати кои наликуваат на папки и книги со попарт – портрети на секоја од раскажувачките и апстрактни цртежи од Мирјана Крстева-Масети со текстови од секоја раскажувачка посебно, се делата претставени пред љубителите на ликовната уметност во Истанбул.
– Многу лично и многу искрено секоја од раскажувачките имаше можност без какво било ограничување да каже што сака, што мисли и да остави порака, некако спонтано не договорени оставивме пораки, кои се надевам се силни и ќе поттикнат, ќе мотивираат и ќе допрат до некој, вели Солак.
Делата на Солак и Масети ќе бидат поставени и на главната улица Таксим во Истанбул, во метро станиците, на плоштадите и јавните простори.
Љубица Мешкова-Солак, која дипломирала графика со конверзација и реставрација на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, најголем дел од својот богат авторски опус го остварува во Битола, каде живее и твори. Таа одржала бројни самостојни изложби низ земјава, но и во Берлин и Париз, а во соработка со британскиот моден бренд „Хакет“ изложувала и во Дубаи, Катар, Кувајт и Бахреин. Солак остварила и студиски патувања во Атина, Фиренца, Букурешт, Ерусалим, Љубљана и Париз, а учествувала и на бројни групни изложби во Бугарија, Романија, Србија, Шпанија, Грција, Австрија.
Љубица Солак е добитник на значајни ликовни награди, меѓу кои признанието за ликовно остварување „Борислав Траиковски“ во 2008 година наградата на ДЛУМ, „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во 2013 година.