Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Нина Ангеловска, ќе учествуваат на Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“ во Виена, Австрија.
Во дискусиите и анализите на учесниците, секоја година, вниманието е насочено кон најважните прашања за финансиските пазари и воопшто за економиите во Централна и Источна Европа (ЦИЕ).
Како што информираа од Народната банка, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе биде говорничка на првата панел-дискусија посветена на монетарната политика, во чиј фокус ќе бидат предизвиците за глобалната економија и економиите на ЦИЕ оваа година, во контекст на поставеноста на монетарната политика и очекуваните движења на финансиските пазари. Предвидено е да се разговара и за приоритетите во унапредувањето на супервизијата на банкарските системи во регионот и во активностите за намалување на готовината во економиите.
Во рамки на Форумот ќе се разгледаат и други прашања важни за економиите во ЦИЕ, при што ќе им биде посветено внимание и на принципите во управувањето со ризиците во банкарското работење, како и на развојот на финтек-секторот и предизвиците коишто тој ги носи со себе, од една страна за платните системи, а од друга страна и за банкарскиот сектор.
Овој традиционален форум на „Еуромани“, поради големиот број учесници, важи за редок настан од таков формат којшто овозможува поврзување на економистите заинтересирани за регионот на ЦИЕ – како на претставниците на институциите што донесуваат политики, така и на претставниците на банкарскиот сектор, учесниците на финансиските пазари и на инвеститорите.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе оствари и повеќе работни состаноци.