„Медена земја“ деновиве во САД доби неколку нови престижни награди за најдобар документарец и за кинематографија. Тимот на македонскиот документарец ја прими наградата за најдобар документарен филм, што ја доделува најпрестижното здружение на филмски критичари во Америка, New York Film Critics Circle.
На „Гала вечерта“ што се одржа на 7 јануари, тимот на „Медена земја“ ја делеше бината со светските легенди на филмот: Квентин Тарантино, Бред Пит, Мартин Скорсезе, Роберт Де Ниро, Џо Пеши, Алек Болдвин, Стив Бушеми, Спајк Ли, Антонио Бандерас, Рис Витерспун, Лора Дерн и други.
Режисерот Љубомир Стефанов во својот говор се заблагодари на здружението и ја поздрави легендарната Ејми Таубин, 80-годишната влијателна критичарка, која пишува од времето на Енди Ворхол. Таа е автор на една од најубавите рецензии за „Медена земја“ – со наслов „Рој и нежност“ (Swarm and tender), која беше објавена во „Артфорум“.
Режисерката Тамара Котевска, пак, потсети колку се чини нереално да се добие ова признание и да се биде меѓу сите славни имиња после четири години поминати во шатори во Бекирлија. Таа рече и дека после сето ова тимот на филмот повторно би влегол во иста таква авантура и им порача на колегите документаристи да го сторат истото бидејќи играниот филм секогаш ќе добива инспирација од документаризмот.
Членови на најстарото здружение од овој тип, кое годинава по 85 ти пат доделува награди, се критичарите од: „Њујорк тајмс“, „Њујоркер“, „Индивајр“, „Ролинг стоун “, „Варајети“, „Венити фер “, „Артфорум “ и други.
Деновиве снимателите на „Медена земја“, Фејми Даут и Самир Љума ја добија наградата „Cinema Eye Honors“ за исклучително достигнување во кинематографијата. „Cinema Eye Honors“ се доделува за извонредност во документарните филмови и вклучува награди за дисциплини во режирање, продукција, кинематографија и монтажа. Наградите се доделуваат секој јануари во Њујорк и се одржуваат од 2011 година во Квинс.
Режисерите Котевска и Стефанов, исто така, се номинирани за наградата која ја доделува Directors Guild of America (DGA). Наградите кои ги доделува Унијата на режисери на Америка се сметаат за особено значајни предвесници на оскаровската трка.
„Медена земја“ ја доби и наградата за најдобар документарен филм која ја доделува Меѓународното здружение на филмски критичари (NSFC). Меѓународното здружение на филмски критичари е организација основана во 1966 година, а наградите што ги доделува се сметаат за едни од најпрестижните во Америка. Во здружението членуваат голем дел од филмските критичари што пишуваат за медиуми како „Вол Стрит Џурнал“, „Њујоркер“, „Бостон Хералд“ и други.
Филмот е прогласен и за најдобар документарец на Dorian Awards, што ги доделува Здружението на ЛГБТ – критичари во САД.
Да потсетиме, „Медена земја“ влезе во потесниот избор за номинација за „Оскар“, и тоа во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Номинациите со петте кандидати во игра за најпрестижната филмска награда ќе бидат соопштени в понеделник (13 јануари). Доколку „Медена земја“ добие номинации за „Оскар“ во двете категории, ќе биде прв филм од нашата земја што успеал во тоа. Церемонијата на 92. издание на Оскарите ќе се одржи на 9 февруари 2020 година во Холивуд.
Во меѓувреме документарецот повторно се прикажува во скопските кина: од 9 јануари е на репертоарот на „Милениум“, од 13 јануари во „Кинотека“, а од 16 јануари во „Синеплекс“.