Иран демантира го собориле украинскиот авион

136

Шефот на иранската Организација за цивилна авијација, Али Абеџадех, денеска ги демантираше, како што кажа, „нелогичните гласини“, дека украинскиот патнички авион што се урна во близина на Техеран бил погоден со ракета, јави полуофицијалната иранска агенција Исна.

– Од научна гледна точка невозможно е ракета да го погодила украинскиот авион, па затоа таквите гласини се нелогични – изјави  Абеџадех, пренесен од британските медиуми.

По објавената информација во неделникот „Њузвик“ и другите светски агенции, повикувајќи се на американски официјални претставници, јавија дека  иранската противвоздушна одбрана вчераутро случајно го соборила украинскиот авион во близина на Техеран.

Британските медиуми пренесоа изјава на американски претставник кој наведува дека американските сателити регистрирале истрелување на две ракети непосредно пред падот на авионот, по што следела и експлозија.

Украинскиот авион наводно бил погоден од ракета од руско производство „Тор-М1“, соопшти претходно неделникот „Њузвик“, повикувајќи се на неименувани претставници на Пентагон и американската и ирачката разузнавачка служба. Тие изјавиле дека проценката е дека авионот случајно бил погоден.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...