Локални патишта во должина од 270 километри ќе бидат изградени или санирани со проектната документација што 78 општини ја добиваат од Министерство за финансии. Во рамки на Проектот за подобрување на општински услуги (МСИП) што со Светска банка го реализира посебна проектна единица на Министерството за финансии, обезбени се грант средства од 1,1 милион евра како техничка помош за општините.
Со готовите проекти, првите 35 општини ќе можат да изградат или да аплицираат за финансирање за околу 105 километри локални патишта, а бенефит ќе имаат над 120.000 жители. До крајот на март оваа година ќе се изготви техничката документација и за останатите општини.
На доделувањето на проектната документација на општините министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека со тоа се надминува проблемот со недоволно искористување на средствата од меѓународните фондови.
– Досегашното искуство покажа дека општините или воопшто немаат техничка документација за проектите кои сакаат да ги реализираат, или пак немаат комплетна техничка документација, согласно насоките и барањата на меѓународните фондови. Тоа често доведува до недоволна искористеност на меѓународните фондови. За да се надмине ваквата состојба, дел од средствата наменети за техничка помош беа искористени токму за оваа намена – рече Ангеловска.
Директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава Марко Мантованели истакна дека се исклучително задоволни од досегашната реализација на Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП, со кој досега биле изградени повеќе од 24 илјади водоводни приклучоци, повеќе од 200 илјади луѓе имаат пристап до редовно собирање на цврст отпад, како и над 200 километри локални патишта се веќе изградени.
– Ова е исклучително важна инвестиција и во однос на една паралелна операција која ја поддржуваме, каде финансираме 70 милиони евра во локални патишта со Министерството за транспорт, каде што општините ќе имаат пристап до овие финансии на грантовска основа, кои ќе варираат од 150 илјади евра од најмалиот до најголемиот 1,7 милиони евра. Тоа е една важна линија на финансирање, која ќе биде поддржана со овие технички документации, кои се изработуваат во однос на овој важен проект – рече Мантованели.
Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, рече дека со изготвената проектна документација, населбата Хиподром ќе добие целосна патна инфраструктура, која ќе ги поврзе новиот и стариот дел, проблем кој чекал на реализација повеќе од 16 години.
– Особено сум среќен што децата кои живеат подалеку од ООУ „Вера Јоциќ“ повеќе нема да имаат потреба да патуваат со километри за да стигнат до училиштето. Исто така за жителите кои го користат јавниот превоз, лесно ќе биде достапна последната постојка на автобуската линија 50, а побрзо ќе стигнуваат и до трговскиот центар. Едноставно, сега граѓаните лесно ќе можат да циркулираат низ сопствената населба – нагласи Георгиевски.
Со обезбедената проектна документација, во општина Гази Баба ќе се реконструира улицата пред основното училиште „25-ти Мај“ каде е предвидена изградба на тротоари, а со новиот сообраќаен режим се предвидува намалување на брзината на движење по улицата на 30km/h. Во Охрид ќе се реконструира улицата „Ѓорче Петров“ каде постоечкиот коловоз е во лоша состојба, со удатни дупки и пукнатини, а асфалтот се рони. Општина Свети Николе доби проектна документација за изградба на нов заобиколен пат околу градот, во должина од два километра за да можат товарните камиони од населените места во Источниот и Североисточниот плански регион да имаат директен пристап до новопланираната модерна регионална депонија кај месноста Мечкуевци што треба да биде изградена во следните три до пет години. За Општина Зелениково, изготвен е проект за реконструкција на патот од село Орешани до автобуската станица во селото, а во општина Липково ќе се реконструира локалниот пат меѓу село Оризари и село Слупчане во должина од три километра