Градоначалниците да се ангажираат и да ги достават проектите за да можат да користат пари од кредитот на Светкса банка за изградба на инфраструктура во општините, апелираше денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Тој соопшти дека досега 75 отсто од општините доставиле проекти, а е планирано да бидат изградени локални патишта во должина од 450 километри.
– Владата директно ќе им помага на општините во подобрување на локалната патна мрежа преку рехабилитација на улици и патишта во сите општини. Овој проект е производ на посветената работа на вработените во Министерството во претходната година и проект што дирекно ќе се реализира преку ова министерство – рече Сугарески.
Како што информира тој, општините ќе добиваат од 500.000 до 2 милиони евра. Висината на парите кои ќе ги добијат општините зависат од големина на општината, бројот на жители, регистрираните моторни возила, а распределбата ќе се врши по критериуми на Светска банка.
Сугарески најави дека во неколку општини ќе се реализираат пилот проекти за подобрување на безбедноста, мобилноста и превозот. Се планираат градежни работи за изгрaдба на потпорни ѕидови, мали свлечишта, пропусти за прифаќање на поројни води и други објекти по должината на патната мрежа со кои ќе се санираат небезбедни и ризични места.
Предвидена е и изградба на пешачки патеки, велосипедски патеки, урбана опрема, автобуски стојалишта, подобрување на кривини и раскрсници, воведување школски автобуси, зависно од потребите на општините.
Во однос на реализацијата на капиталните прокети за лани Сугарески информира дека реализацијата е 86 отсто.Реализацијата на изгрдбата на гасоводот е 94 отсто, кај железницата 82 отсто, кај социјалните станови 100 отсто.
Сугарески очекува 2020 година да биде година на подобра реализација на инвестициите.