Кипар соопшти дека примил барање од САД за разместување на нивна екипа за брзо реагирање на островот во случај американскиот дипломатски персонал или цивили да треба да бидат евакуирани од регионот, пред се, на одгласите за растечките тензии меѓу САД и Иран, јави грчкиот весник „Катимерини“.
– Кипар ја даде својата согласност за привремено распоредување во земјата на американска екипа за брзо реагирање, чија задача ќе биде евакуација на американските дипломатски мисии од регионот, како и на американски државјани, доколку тоа се покаже за неопходно – изјави портпаролот на кипарската Влада Киријакос Кушош.
Тој подвлече дека барањето е поврзано само со „целосно хуманитарни операции”.
Американските сили за брзо реагирање се разместени надвор од границите на земјата и често пати се поврзани со американските маринци. Нивните бродови се распоредени низ целиот свет, крај бреговите на проблематичните региони и се тврди дека се „разместени за првични реакции“ и секогаш се наоѓаат во состојба на готовност.