Амбасадата на Украина во Иран го замени соопштението за причините за падот на авионот во Техеран во кое се исклучува терористички или ракетен напад како причина за несреќата.
Во новото соопштение Амбасадата наведува дека причините за инцидентот се „разјаснуваат“, како и дека претходното соопштение за причините за несреќата „не е официјално“.
– Информациите за причините за несреќата на авионот ги појаснува комисија. Секое соопштение во врска со причините за несреќата пред одлуката на комисијата не е официјално, се наведува во соопштението.
Во првичното соопштение објавено на сајтот на Амбасадата, кое е повлечено, се отфрла терористички напад како можна причина за падот, со образложение дека првичните информации укажуваат на дефект на моторот.
Украинскиот авион „Боинг 737“ со 176 лица се урна кратко време по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите патници и членови на екипажот.
– Авионот полетал од меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“ во иранската престолнина кога еден од моторите се запалил – изјави портпаролот на иранската служба за транспорт, Касем Биниаз.
Пилотот изгубил контрола над авионот, пренесе иранската агенција Ирна.
Во авионот, кој летал за Киев, Украина, имало 167 патници и девет членови на екипажот.
Авионот се урна само неколку часа откако Иран изврши ракетен напад врз две бази во Ирак каде се сместени американските сили, во знак на одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Сулајмани.
Две црни кутии се пронајдени на местото на несреќата, јави државната иранска телевизија.
Меѓутоа, како што изјави шефот на иранската организација за цивилно воздухопловство Али Абеџедех, црните кутии нема да бидат предадени на производителот на авиони.