„Медена земја“ повторно во кино – од утре во „Милениум“, од понеделник во Кинотека

1234

Македонската публика повторно ќе има можност да го види документарниот филм „Медена земја“, кој е во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории – документарни и странски филмови.

Од утре до идната среда (15 јануари) од 20 часот филмот на режисерите Тамара Kотевска и  Љубомир Стефанов ќе се прикажува во кино „Милениум“, а од 13 до 18 јануари и во Кинотеката со по две проекции дневно, од 18 и од 20 часот.

Во очекување на одлуката на Американската филмска академија, која на 13 јануари ќе ги соопшти номинациите за Оскар, документарецот за Атиџе Муратова, последната одгледувачка на диви пчели во Европа,  деновиве доби уште две значајни признанија.  Снимателите Фејми Даут и Самир Љума ја добија наградата „Cinema Eye Honors“ за исклучително достигнување во кинематографијата. „Медена земја“ доби и награда за најдобар документарен филм од Меѓународното здружение на филмски критичари (NSFC).

Покрај низата награди што минатата година ги освои на престижни фестивали, „Медена земја“ се најде и на листите на најдобри филмови во 2019-та на значајни списанија, како „Њујорк тајмс“, „Ролинг стоун“, „Варајети”, „Венити феир“…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...