Кинески лампион кој го пуштиле 60-годишна жена и нејзините две возрасни ќерки го предизвикал пожарот во германската зоолошка градина за време на новогодишната ноќ.
Поради „прослава“ со пуштање на кинески лампиони во воздух, 30 животни, вклучувајќи горила, шимпанза и разни птици настрадаа во германската зоолошка. Полицијата во Крефелд соопшти дека жените се предале кога слушнале за трагедијата.
Како што изјави главниот истражител Герд Хопман, жените преку интернет купиле пет такви лампиони кои во најголемиот дел од Германија веќе со децении се забранети. Тие верувале дека нивното пуштање во воздух за време на новогодишната ноќ е дозволено.
Жените напишале желби за Нова година, пред да ги пуштат хартиените балони кои ги подига топлината на огнот кон небото. Поради предизвикувањето на пожарот, би можеле да добијат парична, или затворска казна до пет години.
Граѓаните на Крефелд деновиве пред зоолошката градина палат свеќи, а локалните жители на телевизиските станици ја изразуваат својата тага за несреќата и за смртта на животните, посебно на 48-годишната горила.