Партнерката на градоначалникот на Шутка е и претседателка на Советот

Невенчаната сопруга на Дудуш ја добила функцијата откако во декември лани бил разрешен Ѓеѓе Демировски, кој беше и носител на листата на СДСМ за локалните избори. Османовска, велат од општината, е најсоодветната личност која можела да ја преземе функцијата како поради нејзиното образование, така и поради нејзиното десетгодишно искуство во невладиниот сектор.

4727

Невенчаната сопруга на градоначалникот на скопско Шуто Оризари Курто Дудуш, Фатима Османовска, е претседателка на Советот на општината. Таа ја добила функцијата откако во декември лани бил разрешен Ѓеѓе Демировски кој беше и носител на листата на СДСМ за локалните избори.

Демировски останал само советник, но ни таа функција не ја задржал долго бидејќи и од неа бил разрешен. На негово место како советничка во Советот на Шуто Оризари влегла следната кандидатка од листата односно Сунита Сали чиј сопруг, Измир Сали, исто така, е советник.

Ваквите промени во составот на општинскиот совет кои се случиле за нецели шест месеци по промената на локалната власт ги потврдува и Демировски.

– Јас сум член на Социјалдемократскиот сојуз, за ова не е виновен ниту претседателот Зоран Заев ниту централната власт која ја поддржувам за разлика од локалната. Не го поддржувам криминалот и митото кое се зема во општината и затоа бев повлечен – вели Демировски за Плусинфо додавајќи дека тој бил еден од клучните луѓе кои ја донеле победата на СДСМ во неговата општина.

Како што вели тој, од претседател бил разрешен зашто не сакал да даде поддршка за некои одлуки кои локалната власт сакала да ги донесе. Како кулминација на нетрпеливоста кон него внатре во Советот непосредно пред разрешувањето од претседател, тој го потенцира тоа што бил против да се даде дворно место од амбулантата во Шуто Оризари за таму да никне нова градба.

– Во дворното место од амбулантата во Шуто Оризари му се дозволи на еден човек да гради, јас бев против тоа и сметам дека затоа сум разрешен од претседател. Потоа, сметам дека од советник ме разрешија затоа што бев против барањето мито од граѓаните во областа на урбанизмот без разлика дали тие се Роми, Албанци, Македонци – раскажува Демировски.

За шут-картата од Советот, вели тој, одлуката била оправдувана со тоа што не се појавувал на седници. Иако од Општината тврдат дека му пратиле материјали за седници, тој демантира дека ги добил и дека бил известен за истите, па поради непојавување на три седници бил разрешен.

Ѓеѓе Демировски за локалните избори на 15 октомври 2017 беше носител на советничката листа на СДСМ во Шуто Оризари. СДСМ таму доби осум советнички мандати, партијата на Амди Бајрам – Сојуз на Ромите од Македонија кој тогаш беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, доби седум, ДУИ освои два мандата, а по еден добија Алијансата на Албанците и БЕСА.

Курто Дудуш стана градоначалник по вториот круг од локалните избори на 29 октомври лани во кои противкандидат му беше Елвис Бајрам кого во првиот круг го победи со нецели 200 гласа разлика.

За промените во општинскиот совет и за обвинувањата за непотизам Плусинфо се обиде да стапи во контакт со градоначалникот Курто Дудуш. Во текот на целиот ден неговиот мобилен телефонски број е недостапен. Од неколкуте фиксни броеви преку кои се обидовме да стапиме во контакт со него или со претставник од неговиот кабинет, слушалка кренаа само на еден. Ни се претставија дека се од финансиското одделение и оти не можат да даваат контакти од други, но дека ќе ја пренесат нашата порака. Неуспешен беше обидот да добиеме одговор и преку телефонскиот број кој беше наведен како на лице одговорно за односи со јавноста во еден од мејловите што Општината ги испрати до медиумите непосредно по промената на локалната власт. Одговорот кој ни го посочија е дека овој број повеќе не го користи тоа лице.

На официјалната веб-страница на општината нема никаков контакт, ниту пак се наведени некакви информации за градоначалникот и за Советот.

ОБНОВЕНО:

По објавувањето на текстот од Општината Шуто Оризари нѐ контактираа и посочија дека Ѓеѓе Демировски бил разрешен како што налагаат законските прописи, во инспекција биле и од Министерството за локална самоуправа, провериле, но не пронашле никакви нерегуларности.

Оттаму, нагласуваат дека советничката Фатима Османовска која била назначена за претседателка на Советот на местото на Демировски, е најсоодветната личност која можела да застане на чело на Советот поради нејзиното образование и десетгодишното искуство во невладиниот сектор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...