Планински села без струја, затворени локални патишта, интервенција на противпожарната служба за спасување на 10 лица кои поради снегот имале проблеми со нивните возила, забрана за пловидба на бродови, ветер од над 100 километри на час, силни врнежи од дожд и снег, донесе невремето Зиновиа во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Најмалку осум планински села во централна Грција, неколку села на островот Крит, поради невремето и силниот ветер се без струја, а проблеми со снабдувањето на електрична енергија има и во населби и предградија во регионот Атика.
Во централна Грција, противпожарната служба на Грција со четири пожарникари и две возила интервенираше во спасување на 10 лица кои поради снегот биле заглавени со нивните автомобили.
Во текот на ноќта и во утринските часови, службите работеа на чистење на автопатот Атина – Ламиа, на кој постои забрана за товарни возила, а на автопатот во правец кон Ламиа од утрово забрането е сообраќање и на автобуси.
На островот Пелопонез затворени се повеќе планински патишта, а во тек е чистењето на снегот.
На островот Евија, утрово беше регистриран ветер со 140 километри на час.
Според локалните медиуми, грчкиот остров Сими, во текот на вчерашниот ден првпат падна снег што се задржа по улиците.