Млекара АД Битола, како една од водечките компании на домашниот пазар, во 2019 година бележи позитивни резултати во продажбата на неколку категории свои производи и постигнување многубројни успеси во повеќе области, а со тоа ја задржува својата лидерска позиција во млечната индустрија во државата.
Начелото на квалитет е едно од начелата според кои се води компанијата, a оној што ги исполнува барањата и желбите на потрошувачите секогаш е препознаен и прифатен. Бимилк е компанија која, ширејќи го своето портфолио, докажува дека ги слуша барањата на своите потрошувачи. Сето тоа во огромна мера позитивно се одрази на продажбата во сите сегменти каде што имаше иновации, па така, компанијата во 2019 година успеа да ја зголеми продажбата на јогурт за 9,1 %, продажбата на кисело млеко порасна за 17,8 %, додека, пак, кај продажбата на млеко се бележи раст од 7 % во споредба со минатата година.
Во годината што изминува, покрај растот во продажбата на домашниот пазар, Бимилк бележи позитивен растечки тренд и во извозот на своите производи во регионот, особено во Косово и во Црна Гора. Продуктите на Бимилк, кои беа најбарани кај нашите соседи, беа кисело-млечните производи и чоколадното млеко.
Водејќи се од начелото на иновативност, Бимилк го прошири своето портфолио со лансирање неколку нови производи, како што се: Битолски екстра јогурт со поинтензивен киселкав вкус, Битолско млеко со две нови маслености 1,5 % и 3,5 %, Флерт Кафица со 3 вкуса: макијато, капучино и еспресо, како и чоколадното млеко Моја Кравица со вкус на јагода. На овој начин, Бимилк го зголеми изборот на млечни производи на пазарот, а со тоа продолжи и со задоволување на вкусовите на уште поширок круг потрошувачи.
Битолска млекара, водејќи се од начелото на унапредување на суровината, во изминатата година беше исклучително активна во имплементацијата на неколку проекти во насока на модернизација на малите и средни фарми. Бимилк, како единствен партнер на УСАИД од млечната индустрија во државата, започна проект за развој на деловниот екосистем и реконструкција и развој на малите фарми, кои сочинуваат вкупно 92 % од вкупниот број краварски фарми во земјата. Исто така, во соработка на Бимилк и УСАИД беше имплементиран проектот за инвестиција во подземни системи за наводнување „капка по капка“, со кој се заштедуваат вода, пари и време, како и реализација на проектот за воведување анализа на квалитет на сточната храна со користење уреди NIR (Near Infrared Spectroscopy), кои за првпат се воведуваат во млекопроизводствениот процес во земјата.
Покрај тоа, успешноста на Бимилк на домашниот пазар се должи и на имплементацијата на општествено одговорни проекти, кои во фокусот ги имаат ранливите категории граѓани, но и општеството во целина. Во таа насока, на кејот на Крива Река во Крива Паланка беше отворена третата по ред спортско-рекреативна „Balans+ Зона“. Инвестицијата вклучуваше поставување повеќе справи за рекреација и за одржување на балансот на телото под брендот на „Balans+“, како и уредување на овој дел од градот.
И, на крајот на годината, како компанија што постојано е во тек со најновите светски технолошки трендови и што континуирано вложува во своите производствени капацитети, Бимилк пушти во употреба две нови машини со кои го осовремени и го подигна своето производство на уште повисоко ниво. Инвестицијата во новата машина за групно пакување сетови, „Twin Pack Multipack“, ја зголемува ефикасноста во производството и придонесува за оптимизација на процесите, додека, пак, со новата машина за автоматизација на процесот на пакување на производите во картонски транспортни кутии, „Ecol“, производите што се пакуваат во форма на чаша, како што се јогуртот, киселото млеко и павлаката, добиваат нов, уште посигурен и побрз начин на пакување.
И за годината што следува, од Бимилк најавуваат нови иновации, инвестиции, модернизација на производствениот процес и општествено одговорни проекти, кои сите заедно ќе имаат една заедничка цел – исполнување на начелото за грижа за своите потрошувачи, затоа што само на тој начин компанијата може да го потврди и да го задржи својот статус на лидер во домашната млекопроизводствена индустрија.