Министерството за финансии информира дека од први јануари се става во мирување од три години примената на прогресивниот данок на личен доход. Тоа значи дека даночната стапка се враќа на 10 отсто за сите граѓани кои имаат доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи.
„Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 отсто, што значи дека стапка од 10 отсто ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход“, информираат од МФ.
Од први јануари 2020 нема да стартува и примената на данок на камати од депозити.
Истовремено, од јануари нема да стартува оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност и даночењето на каматните стапки на депозитите.
„Од први јануари се одложува примената на две даночни решенија. Нема да стартува оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност. Новото решение што ќе стапи на сила од 2023 година ги вклучува во оданочување и уделите од инвестициските фондови, кои со досегашното решение беа изоставени. Се воведуваат 2 даночни стапки, зависно од периодот на поседување на хартиите од вредност и уделите, односно, стапка од 15 проценти за сите оние кои шпекулативно тргуваат на пазарите на капитал, односно истите ги држат кај себе до една година и стапка од 10 проценти со која ќе биде даночен доходот од капиталните добивки од хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, кои инвеститорите ги чуваат од 1 до 10 години. Ослободени од овој данок ќе бидат долгорочните инвеститори кои хартиите од вредност и уделите издадени од инвестициски фонд ги чуваат повеќе од 10 години од денот на продажбата, но и хартиите од вредност стекнати од иницијална јавна понуда, со цел охрабрување на компаниите за првично отварање кон јавноста преку издавање на акции по пат на иницијална јавна понуда. Спроведувањето на одредбите од Законот нема да биде оставено на товар на граѓаните и данокот автоматски ќе биде пресметуван и уплатуван во Буџетот„ стои во ионформацијата.
Од Министерството за финансии информираат и дека од први јануари 2020 нема да стартува и примената на данок на камати од депозити.
„Одлуката за одложување се базира на потребата од нормативно доуредување за известување од страна на банките и штедилниците, како и поедноставување на администрирањето на данокот. Дополнително, со одложениот старт на оданочувањето на капиталните добивки и каматите на заштедите, од 2023 ќе се изедначи третманот на заштедите со долгорочното инвестирањето на граѓаните на пазарот на капитал“, се наведува во информацијата.
Како што информираат од Министерството за финансии одлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок е донесена врз основа на анализа која покажала дека неговото воведување не ги дало очекуваните ефекти.
„Oдлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок е донесена врз основа на анализа на големи податоци, кои овозможуваат да се извлече тенденцијата и да се донесе заклучок врз основа на електронско пријавување и наплата на данокот на личен доход. Според анализата, приходите кои можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход се помали за 51,2% во однос на потенцијалот. Вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6.5 милиони евра, тоа се средства кои буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници, покажува анализата“, информираат од МФ.
Од први јануари се зголемува и прагот за ДДВ обврзник од еден милион денари на два милиони денари.
„Со измените во Законот за данок на додадена вредност се менува и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот се скратува на три години од тековните пет години. Со тоа сите правни и физички лица кои во 2019 година не го надминале новопоставениот праг, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот“, информираа од МФ.