Договор со Светска банка за 70 милиони евра за реконструкција на локални патишта

341

Договор со Светска банка со кој се обезбедуваат 70 милиони евра за рехабилитација, реконструкција и надградба на 450 километри локални патишта во 80 општини во земјава, потпишаа министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Kанцеларијата на Светска банка во  земјава Марко Мантованели, соопшти Министерството за финансии.

-Секој вложен денар во инфраструктурата четирикратно се враќа: се поттикнува транспортот, трговијата, туризмот и воедно се обезбедуваат подобри услови за живот на граѓаните. Преку овој проект ќе се обезбедат средства со кои ќе се подобри локалната инфраструктура низ целата земја. Проектот е дел од четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка во вредност од 420 милиони евра, која опфаќа инвестиции во инфраструктура, проекти за вложување во човечки капитал, фискална одржливост и одржливост на животна средина, посочува министерката за  Ангеловска.

Ресорното министерство наведува дека средствата се обезбедуваат под исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и грејс-период од пет години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон, со што сега каматната стапка изнесува 0,15 проценти.

Во Министерството за транспорт и врски веќе е формирана проектна единица за спроведување на проектот, до која општините може да доставуваат проекти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...