ДУРА е веќе оперативна во нашата земја, ВМРО-ДПМНЕ да не ја лаже јавноста и да ги поддржи инвестициите кои вработуваат дури до 1000 наши граѓани, реагираше Владата откако ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека власта денеска се пофали со банкротиран странски инвеститор во Македонија.
Инаку, денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на прес-конференција рекоа дека американската „Дура аутомотив системс“ донела одлука да отвори уште две фабрики во Македонија.
„Владата на Република Северна Македонија најостро ги демантира манипулациите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ поврзани со големата инвестиција на компанијата „Дура“. Не се точни и целосно се манипулативни изнесените информации од страна на ВМРО-ДПМНЕ во кои се вели дека „Дура“ била банкротирана компанија. „Дура“ е компанија гигант која своите операции во Северна Македонија ги извршува преку британска холдинг подружница и во земјава веќе има оперативна фабрика во која ќе бидат ангажирани 1000 вработени. За повеќе информации и факти јавноста ќе биде информирана и директно од компанијата „Дура“, се наведува во реакцијата на Владата.