Трамп ги предупреди Русија, Сирија и Иран да не убиваат цивили во Идлиб

44
ФОТО: EPA / Chris Kleponis / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа ги предупреди Русија, Сирија и Иран да престанат да убиваат недолжни цивили во сириската покраина Идлиб, напоменувајќи дека Турција се обидува да го запре ова „крвопролевање“.

„Русија, Сирија и Иран убиваат или се на пат да убијат илјадници недолжни цивили во покраината Идлиб. Не правете го тоа! Турција вложува огромни напори да го запре тоа крвопролевање“, порача Трамп на Твитер, пренесе Хина.

Сириските и руските сили ги интензивираа бомбардирањата на цели во Идлиб, последното важно упориште на бунтовниците во Сирија.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад вети дека ќе ја освои оваа покраина.

Првите луѓе на Турција, Русија и Иран во септември во Анкара договорија дека ќе го „деескалираат“ судирот во Идлиб по повеќемесечната камапња, која во бегство натера повеќе од 500.000 лица.

Но, дипломатските напори се најдоа во ќорсокак, а договорот за деескалација во последно време се распаѓа, додава Хина.

Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, во вторникот изјави дека Русија ќе работи на тоа да се прекинат нападите во Идлиб, по разговорото со турскиот амбасадор во Москва.

Сириските сили минатата недела почнаа голема офанзива на северозападот од земјата по повеќенеделните бомбардирања заради кои илајдници луѓе го напуштија Идлиб.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...