По забавувањето на економската активност во 2017 година, од минатата година се забележува постепено забрзување на македонската економија. За оваа година, од досега расположливите податоци, се гледа дека трендот на постепено забрзување на економската активност продолжува, истакна гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју на ТВ Алфа.
-Остварената стапка на економски раст во првите три квартали е 3,6 проценти. Нашите проекции за оваа година се раст од околу 3,5 отсто. Имајќи ги предвид досегашните движења, кај економската активност нема позначајно отстапување од проектираното од Народната банка, а нема ни позначајни отстапувања кај инфлацијата која е проектира на 1 отсто – вели Бежоска.
Таа се осврна и на факторите што го движат економскиот раст, при што го истакна придонесот на растот на извозот.
Осврнувајќи се на оцените на агенцијата „Фич“, таа посочи дека банкарскиот систем е фактор што позитивно влијае на кредитниот рејтинг што го има нашата земја. -Банкарскиот систем е здрав, високо капитализиран и со солидно ниво на ликвидност. Тој е во кондиција да се справи со какви било надворешни шокови, што се потврдува и преку редовните стрес-тестови – кажа Бежоска.