Од почетокот на мандатот, шефот на француската држава Емануел Макрон настојуваше, на секој 25 декември, да им посака „Среќен Божик“ на Французите преку социјалните мрежи. Но годинава претседателската двојка изостана со својата честитка, што предизвика незадоволство и гнев кај десницата и ултрадесницата.
„Им посакуваме среќен Божик и среќна Нова година на сите наши сограѓани. Брижит и Емануел Макрон“ и „Брижит ми се придружува да ви посакам на секој од вас среќен Божиќ“, напиша Макрон на својот профил на Твитер во 2017 година, а потоа и во 2018 година.
Но тој вчера не ја објави својата вообичаена порака, што не помина незабележано во момент на социјална криза кога неговите политички противници се во потрага по негов најмал пропуст.
Надин Морано, европратеничката од редовите на републиканците напиша на Твитер: „Го чекав Емануел Макрон, но нашиот претседател кој е професионалец во комуникациите не му посака на неговиот народ среќен Божик … освен што ја критикува Франција во странство, да се сакаат и почитуваат нејзините традиции, нејзините христијански корени е толку тешко? Новиот свет е за жалење“.
Истото е забележано и од Националниот собир, преку европратеникот Жордан Бардела, кој истакна дека е „шокиран“.
„Сега е 26 декември и Емануел Макрон се уште не им посака на Французите „Среќен Божиќ“! Ме шокира, ме навредува и мислам дека не сум единствениот!“, реагираше Бардела.
Елисејската палата засега нема објаснување за ова отсуство на желби од страна на францускиот претседател, кој го помина Божик во Форт Брегансон