Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа изјави дека ЛДК ќе му отстапи едно министерско место на идниот партнер во владата, Движењето Самоопределување (ВВ), тогаш кога таа партија ќе му даде поддршка за претседател на државата, во април 2021, кога му истекува мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи, јави дописникот на МИА од Приштина.
По состанокот на Претседателството на ЛДК, Мустафа изјави пред новинарите дека ЛДК останува посветен на постигнувањето договор со партијата на Албин Курти, но додаде дека доколку не се оствари тоа, ЛДК е подготвен да се откаже од сите барања и да замине во опозиција.
– Доколку ВВ не е подготвено за договор и го гледа ЛДК како пречка, тогаш јас изјавувам сега со согласност на Претседателството дека ќе се откажеме од сите барања за институционална одговорност и таа ќе ѝ ја препуштиме на ВВ. Изразуваме подготвеност да го гласаме кандидатот на ВВ за претседател на Собранието. Заинтересирани сме прашањето на владата и институциите да се реши. Доколку ние се повлечеме од одговорноста, заминуваме во опозиција. Ќе гласаме, но остануваме опозициска партија, изјави Мустафа.
Тој рече дека прашањето на претседателот не е прашање кое се отвори сега, туку е поставено на маса уште од почетокот на преговорите со ВВ.
– Остануваме заинтересирани и посветени на земјата да ѝ пружиме решение. ЛДК се согласи владата да се подели пропорционално, со пет министерства за ЛДК и пет за ВВ. Се согласивме премиерот и еден вицепремиер да припаднат на ВВ, додека првиот потпретседтел на владата и претседателот на Парламентот на ЛДК, изјави Мустафа.
За барањето што вчера го изнесе Курти, во замена за претседателот ЛДК да го отстапи местото на министер за внатрешни работи, лидерот на ЛДК рече дека тоа прашање веќе еднаш е договорено и овој предлог на ВВ го смета како барање за поништување на тоа што е веќе договорено.
– Ни преостанува да најдеме решение за претседателот на државата, бидејќи за другите сме се договориле и нема потреба да одиме еден чекор напред два назад, рече Мустафа.