НБ: Банкарскиот сектор е стабилен

Советот ја донесе и Програмата за работа на Народната банка за 2020 година

173

Советот на Народната банка денеска оцени дека банкарскиот систем ја задржа својата стабилност и во третиот квартал од годинава.

„Третото тримесечје од оваа година, меѓу другото, беше одбележано од солидниот раст на депозитите, додека на кредитниот пазар продолжи растот на кредитите одобрени на секторот „домаќинства“. Показателите за солвентноста на банкарскиот систем и натаму се на солидно ниво. Според податоците во усвоениот извештај, на крајот на септември оваа година, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесува 16,9%. Во однос на ликвидноста на банките, во овој квартал таа забележа раст, при што сите показатели се задржуваат на задоволително ниво“, соопшти Народната банка.

Според НБ, учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиските субјекти се намали за 0,5 процентни поени и се сведе до нивото од 5%.

„Промените во регулативата за управување со кредитниот ризик имаа делумен придонес за подобрување на показателите за нивото на остварување на кредитниот ризик. Заклучно со третиот квартал, стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви на банкарскиот систем изнесуваа 1,5% и 13,5%, соодветно. Во однос на истиот период од минатата година тие се пониски, но главно како одраз на исцрпувањето на ефектите од настаните со еднократен карактер од март 2018 година, коишто предизвикаа висок раст на добивката минатата година“, стои во соопштението.

Советот ја донесе и Програмата за работа на Народната банка за 2020 година

Со Програмата се опфатени: веќе најавеното изготвување на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, како и на Националната стратегија за примена на финансиски технологии и поддршка на развојот на финтек-секторот, активности поврзани со анализа на тековната заштита на потрошувачите на финансиски услуги и унапредување на институционалната поставеност на Народната банка во оваа сфера и проект за унапредување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста на Народната банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...