Брисел урива рекорди во туристички посети

Најголем раст на туристи во Брисел има од Јапонија, Русија и Кина како и Италија и Германија, додека најбројни се Французите.

92

Со девет и пол милиони ноќевања регистрирани во хотелите, 2019 беше рекордна година за туризмот во Брисел, соопштија денеска властите на градот.

Оваа бројка претставува раст од седум отсто во однос на претходната година.

Добрите резултати се должат и на растот на бизнис туризмот во градот со сѐ поголем број на организирани конференции, конгреси и семинари, кои придонесоа за единаесет отсто повеќе ноќевања.

– Вака сме речиси целосно урамнотежени помеѓу класичниот и бизнис туризмот, ова е добро ако сакаме да обезбедиме постојана посетеност на хотелите наместо периоди на пикови и мирни периоди – изјави Патрик Ботник, директор на бриселската туристичка канцеларија.

Во текот на 2019 најпразен месец бил јануари, а најактивни јуни и октомври.

Брисел доби позитивен публицитет во двата највлијателни американски дневни весници оваа година. Њујорк Тајмс му посвети текст насловен „Брисел е новиот Берлин“, додека Вашингтон Пост го нарече градот „епицентар на современата уметност“.

Најголем раст на туристи во Брисел има од Јапонија, Русија и Кина како и Италија и Германија, додека најбројни се Французите.

Најпосетувани се Музејот на сликарот Рене Магрит, Атомиумот, Парламентариум (културниот центар на Европскиот Парламент) и Музејот на европска историја. Оваа година екстремно популарен е традиционалниот божиќен пазар, додека секоја година музичкиот фестивал „Томороуленд“ редовно му носи посетители на градот.

Директорот на туристичката канцеларија меѓутоа вели дека од 2020 целта нема повеќе да биде “раст по секоја цена“.

– Пред десет години целта ни беше да го дуплираме бројот на ноќевања во Брисел, идната година ќе постигнеме десет милиони, но за идната декада не треба да се концентрираме на раст по секоја цена, напротив треба да внимаваме на балансот помеѓу жителите и туристите, така што ќе треба да развиеме одржлив туризам и да го распоредиме на целиот регион, за да избегнеме преголема концентрација во центарот – вели Бонтинк.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...