Експерти и бизнисмени: Државата да направи унифициран регистар на парафискални давачки

Таквиот регистар се препорачува да биде управуван од централизирано тело кое ќе може да ги следи и координира парафискалните давачки со цел да може да се зголеми нивната ефикасност и ефективност.

56

Цената на парафискалните давачки се движи од 50 денари до 18 милиони денари, а најголем товар за компаниите претставуваат парафискалните давачки по основ на лиценци, дозволи и одобренија, но и за издавање на различни документи, покажуваат податоците од „Експлоративната анализа на парафискалните давачки за малите и средни претпријатијаа Македонија“ што ја изработи Фајнанс тинк.

Студијата препорачува да постои унифициран регистар на парафискални давачки кој ќе ги опфати сите вакви давачки на локално и на централно ниво и ќе биде доволно богат со информации од аспект на цена, сектор и намена, а при тоа ќе може да се направи бришење или спојување на оние парафискални давачки кои се слични, непотребни или ги оптоваруваат компаниите. Таквиот регистар се препорачува да биде управуван од централизирано тело кое ќе може да ги следи и координира парафискалните давачки со цел да може да се зголеми нивната ефикасност и ефективност. Сето тоа, според анализата, треба да биде проследено со зголемување на дигитализацијата и со дизајнирање на цената на транспарентен и праведен начин.

– Можеби финансискиот товар за парафискалните давачки не е најголемиот товар, особено за микро и малите компании, туку е неизвесноста, бројноста и времето потребно за менаџирање и управување со овие давачки. Ова не е за изненадување, имајќи во предвид дека 86 проценти од нив се уште се поднесуваат на писарница, шалтер или архива, а многу помалку се оние кои се дигитализирани или електронски се поднесуваат. Покрај тоа, иницирањето на постапката ја вршат самите компании, а многу малку, односно само пет проценти се иницира по службена должност – рече во изјава извршна директорка на Фајнанс тинк, Благица Петрески пред почетокот на дебатата на тема „Парафискалните давачки-каков товар претставуваат врз бизнис секторот?“.

Како основен проблем го истакна непостоењето на централно тело кое би ги координирало парафискалните давачки. Тоа, според неа, создава проблем за понатамошна рационализација на парафискалните давачки и за зголемување на ефикасноста.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека во државата првпат се прави ваква, како што рече, суштинска и детална анализа за ефектот што го имаат во работењето на малите и средните претпријатија парафискалните давачки, но и процедурите, документите, дозволите, сертификатите, патентите и сите други документи што треба една компанија да ги добие за нејзиното работење.

– По сугестија од Фајнанс Тинк, од анализата и од тоа што е забележано од анкетите што се направени со микро, малите и средните претпријатија тие процедури ги скративме со цел да се направи што е можно подобра бизнис клима, но истовремено и да им го олесниме работењето на нашите претпријатија. Со укинување или намалување на ваквите процедури и давачки сме убедени дека ќе им го олесниме работењето на претпријатијата, особено на малите и средните кои немаат капацитети во своите компании да ги следат сите овие процедури – изјави Бектеши.

Тој посочи дека Министерството ќе ги анализира препораките од Студијата на Фајнанс Тинк и во текот на наредната година ќе ги имплементираат таму каде што ќе има простор.

Претседателката на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска рече дека според анализата што ги има направено Комората парафискалните давачки кај малите и средните претпријатија најчесто се двојно повисоки од она што го плаќаат за даноците на годишно ниво.

-Тоа знае да е навистина значителен трошок за компаниите и е нешто што е потребно под итно да се адресира и да се направат реформи во насока на намалување на парафискалните давачки. Компаниите најчесто како проблем ги истакнуваат парафискалните давачки од аспект на трошоците кои се плаќаат за одржувањето на фискалните апарати, како и трошоците што ги плаќаат секоја година, а сега по ново на секои 18 месеци, за безбедност и здравје при работа, односно во делот на обезбедување документ дека работникот поминал извесен здравствен преглед. Треба да се има предвид дека работодавачите плаќаат за работниците здравствено осигурување со кое овој трошок практично е покриен и секој вработен може да си направи ваков преглед и да добие потврда кај матичниот лекар. Непотребно е по два пати да се плаќа за истата услуга – рече Арсовска.

Третиот проблем на кој укажуваат компаниите, посочи, е во делот на плаќањето на фирмарините кои се плаќаат на локално ниво, но сумата е иста и за компанија со еден вработен и за компанија со 1.000 вработени.

Претседателот на Стопанската комора на северо западна Македонија (СКСЗМ) Неби Хоџа посочи дека во земјава 99,7 отсто од компаниите се мали и средни на кои, како што рече, парафискалните давачки им претставуваат поголем товар во процент во однос на фискалните давачки.

– Што е помала компанијата и што има помал обрт толку поголем товар и претставува парафискалната давачка. Како стопански комори секогаш сме во насока тие давачки да бидат регулирани системски на некој начин и компаниите да имаат предвидливост за давачките од овој аспект. Затоа мислиме дека денеска е моментот да се дебатира за оваа тема и да видиме какви се можностите на компаниите кои веќе имаат плаќања во однос на даноци да им бидат на некој начин предвидливи парафискалните или скриените даноци – рече Хоџа и додаде дека треба да се најдат можности за компаниите да бидат послободни и поефикасни во своето работење.

Потенцира дека во секторот градежништво авансно се плаќаат даноци за следната година, а потоа им се возвраќаат средства што им претставува голем товар. Побара и да се синхронизираат давачките за градежно земјиште во општините. Посочи дека Општина Чучер Сандево има за 35 отсто поголеми давачки за регулирање на градежното земјите што, како што рече, претставува голем товар за компаниите од индустриската зона Визбегово.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...