Советникот на министерот за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај, тврди дека шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ стои зад организираниот криминал во Србија и дека продавал оружје за терористичката организација Исламска држава (ИД).
Зиберај вели дека информациите оти Дачиќ е „човекот од Балканот“ кој илегално ја снабдува ИД со оружје, косовските служби ја добиле од извори од меѓународната заедница, кои тврдат дека „една значајна западна држава“ покренала истрага против него.
– Ивица Дачиќ е ликот на српскиот организиран криминал. Меѓународните партнери ни кажаа од порано дека Дачиќ е дилерот на српско оружје за ИД и тој е под истрага од една значајна западна држава за тие договори. Годинава тој отпатува во Ирак каде што неговите пријатели упаднаа во проблеми со властите и Дачиќ лобираше за обезбедување пат за српските продавачи на оружје до териториите контролирани од ИД – напиша Зиберај на својата страница на Фејсбук.
Според него, српскиот министер за надворешни работи ги „камуфлирал“ своите „криминални активности“ со наводната борба против независноста на Косово.
Повод за реакцијата на советникот на Пацоли беше денешната прес-конференција во Белград на потпретседателката на српската опозициска Партија за слобода и правда (СПС) Мариника Тепиќ, која го обвини Дачиќ дека собирал пари од српски бизнисмени и трговци со оружје за повлекување на признавањата на косовската независност. Тепиќ рече дека Дачиќ со ова ја злоупотребил својата функција и изрази уверување дека претседателот на Србија Александар Вучиќ бил запознат со нелегалните активности на неговиот министер за надворени работи.