Шпанската телевизиска водителка Наталија Ескудеро вреснала пред телевизиската камера: „Не доаѓам утре на работа!“, откако при извлекувањето на премијата на шпанската лотарија, најголема во светот според вкупниот награден фонд, било прочитано нејзиното име.
Меѓутоа, радоста на ТВ водителката наводно брзо завршила кога дознала дека освоила само 5.000 евра од вкупниот награден фонд на лотаријата, вреден 2,24 милијарди евра, кој оваа година е поделен.
Ескудеро, која работи за државната радиотелевизија РТВЕ, подоцна на Твитер се извини поради својата реакција, наведувајќи дека минува низ „тежок период од лични причини“.
Шпанската божиќна лотарија не дели толку високи добивки на поединци како американската, но вкупниот износ на наградниот фонд кој им се доделува на купувачите на лозови е најбогат во светот.