Министерството за култура денеска нѐ повика на итен состанок и ни соопшти дека средствата што ги бараме ние како СКРМ и СОНК се одобрени од Владата, со тоа што одредбите по однос на плати би се спровеле од 1 јули 2020 година, изјави Сања Арсовска, претседателка на Синдикатот за култура кој денеска организира штрајк во институциите од културата.
Таа рече дека таа одлука ќе биде разгледана од нивното членство, како и од членовите на СОНК, по што до крајот на неделава би имале конечна одлука и ќе соопштат дали ја прифаќаат понудата од 1 јули да стапат во сила новите одредби за плати.
За преговорите со Министерството за култура рече дека имало волја од нивна страна, но дека динамиката се забавила, нагласувајќи дека секторот култура од 2005 нема колективен договор и владее, како што рече, комплетен хаос со правата во културните институции.
На прашањето дали новиот закон за култура, кој наскоро треба да биде разгледан на седница на Владата, би сменил нешто со колективниот договор, одговори дека може да смени во однос на некои спорни групирања.
– Колективниот договор трпи секакви анекси доколку увидиме дека нешто е пропуштено и може да се дополни. Она што за нас е важно е дека со колективниот договор ние би поставиле темели и правила врз основа на кои ќе се гради инститционалната култура во однос на работничките права – рече Арсовска.
Таа додаде дека нивелацијата на платите е завршена во јуни годинава, но дека сега треба да се изедначат сите меѓудејности што повторно зависи од колективниот договор што го чекаат 15 години.
– Колективен договор ни ветија лани, но зашто не го исполнија за 2019, ние побаравме нивелација како преодно решение. Нивелацијата е завршена, она што не е завршено е нивелацијата меѓу дејностите, а за да се постигне треба да има колективен догвоор. Во културата има 326 работни места, нема таков сектор во државата со толкав голем број – рече Арсовска.
Прес-конференцијата таа ја почна читајќи го член 32 од Уставот дека „остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни догвоори“.
Таа соопшти дека денеска немале притисоци за штрајкот и дека над 7.000 љубители на културата и уметноста биле спречени да посетат културни настани. Откажани се осум претстави, една изложба, шест кинопроекции, еден концерт, 10 проби во театри, во 13 музеи не се примаат постители.