Европската унија денеска ги осуди санкциите на САД против фирмите вклучени во изградбата на гасоводот Северен тек 2. Санкциите ги осуди и германската Влада, како и портпарол на Министерството за надворешни работи на Русија.
– Европската унија фундаментално се спротивставува на наметнување санкции за европските компании вклучени во легални активности – истакна портпаролот на ЕУ.
Европската комисија ги анализира можните последици од санкциите на САД, изјави портпаролот на ЕУ. – Целта на Комисијата отсекогаш била да обезбеди Северен тек 2 да работи на транспарентен начин со соодветно ниво на правен надзор, рече тој.
Германската Влада денеска ги осуди санкциите на САД против гасоводот „Северен тек 2“, оценувајќи дека тоа е „мешање во внатрешните работи“ на земјата.
– Владата ги отфрла овие екстратериторијални санкции. Тие ги погаѓаат германските и европските компании и се мешање во нашите внатрешни работи – рече Улрике Демер, портпаролка на германската канцеларка Ангела Меркел.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави денеска дека американските санкции против компаниите поврзани со изградбата на гасоводот Северен тек 2 ги спречуваат другите земји да ја развиваат својата економија.
– Една држава со 22.000 милијарди долари јавен долг им забранува на солвентните земји да ја развиваат својата реална економија – истакна Марија Захарова на својата страница на Фејсбук во која се осудува „американска идеологија која не поднесува светска конкуренција“.
„Тие наскоро ќе не забранат да дишеме“, напиша таа.
Санкциите против компаниите кои работат на рускиот гасовод „Северен тек 2“, вклучени во воениот буџет за фискалната 2020 година, а потпишани од американскиот претседател Доналд Трамп, стапија во сила, соопшти Министерството за финансии на САД.
Во соопштението се предупредува дека сите страни кои намерно продале, изнајмиле или обезбедиле бродови кои учествуваат во инсталацијата на цевки на длабочина од 30,5 метри или повеќе во рамките на изградбата на гасоводите „Северен тек 2“ и „Турски тек“, во согласност со режимот на американски санкции, мора да ги повлечат тие бродови.
Швајцарско-холандската компанија „Олсиз“ соопшти дека ги прекинала сите активности за инсталирање на гасоводот „Северен тек 2“, поради санкциите на САД.
Компанијата наведе дека ќе постапи во согласност со одредбите од Законот за воен буџет на САД и дека американските власти очекуваат насоки за регулаторните и техничките прашања и појаснувања во врска со заштитата на животната средина.
Одлуката на „Олсиз“ го доведува во прашање завршувањето на проектот, вреден 11 милијарди американски долари, што ќе го удвои капацитетот на гасоводот за Германија и што Москва го најави дека ќе биде готов за неколку месеци.
Проектот „Северен тек 2“ вклучува изградба на два нафтоводни крака со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно, што ќе тече од руското крајбрежје преку Балтичкото Море до Германија.
Американскиот Сенат во средата го одобри буџетот за одбрана, кој предвидува, меѓу другото, наметнување санкции за компаниите кои работат на големиот руски проект за гас.
Буџетот за одбранбената политика, вреден повеќе долари, формално познат како Закон за одобрување на националната одбрана (НДАА), опфаќа широк спектар на одбранбена политика и воени трошоци.