Премиерот Зоран Заев во рамки на работната посета на Охрид денеска присуствуваше на свеченоста по повод отворањето на новоизградениот затворен зелен пазар, објект изграден по пат на приватно – јавно партнерство на Општина Охрид и компанијата АД „Илинден“ од Струга.
Новаиот објект е со површина од 6.779 метри квадратни, современа зграда што значи модернизирање на условите за работење на зелениот пазар, исполнување на стандардите за тргвија со земјоделски и прехранбени производи и подобрување на услугите на граѓаните и компаниите од градот и регионот. Со соодветни решенија и рампи овој современ објект ги исполнува и условите за пристап на лица со посебни потреби.
-Освен за трговија и снабдување, пазарите отсекогаш биле места за средби меѓу трговците и еснафите. И денес тоа се модерни центри за среќавање на нови иницијативи и договори за заеднички бизниси, главно на сопственции или менаџери на мали или средни бизниси. Во локалните заедници тие се движечки трговски и економски субјекти кои ја заслужуваат целата поддршка. Оваа Влада го обезбедува токму и тоа, и ќе продолжи да им дава поддршка во работата затоа што таквата поддршка дава и реалност и очекувања за нашите граѓани, рече Заев.
Тој ја искористи можноста да потсети на одлуката на Владата за утврдувањето на казнените мерки за стопанските субјекти согласно големината на фирмите, во насока да не се загрозува опстанокот на помалите фирми. Тука ја спомена и мерката за супституција за придонесите со покачување на платите за вработените, како и одлуката за поништување на законот за зелени пазари.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески посочи дека новата административно-трговска зграда содржи подземен паркинг простор од 2.433 метри квадратни, зелен пазар со 190 тезги уредени со современи хасап стандарди, дуќани, заеднички простории, санитарни јазли, деловни простории.
-Со меѓусебно разбирање, доверба и толеранција, со широки погледи кон иднината, реални очекувања и максимални вложувања реализиран е овој, а ве тек се и други проекти значајни за охриѓани. Секогаш заедно, како и досега така и во иднина, продолжуваме да го разубавуваме Охрид со нови проекти за доброто на сите сограѓани. Резултатите покажуваат дека тоа е единствениот испраен начин што гарантирано води кон успехот, рече Георгиески.
И Заев и Георгиески не пропуштија да посочат дека се работи за проект чија реализација отпочна за време на претходната гарнитура на локалната власт, кога со општината раководеше градоначалникот Никола Бакрачески.