Една лажичка за победа на избори

И се појави Ури на ТВ, по изборите на кои победи Борис Џонсон, да каже дека сето тоа е благодарение на - лажичката! Како доказ видовме како Ури, во присуство на членови на изборниот тим на Џонсон, витка со поглед една лажичка, им ја дава на гореспоменатите членови, тие сериозни, ама возбудени, им вели да му ја дадат на премиерот и дека работата е - завршена. И да видите чудо, по две недели, работата навистина беше завршена.

629

Да не го видевме со свои очи, немаше да ни се верува. Ни мене ни на новинарот на Ај-ти-ви. Го покажуваат Ури Гелер, кој се заблагодарува што го претставија точно како Ури, а не погрешно, како некои неинформирани што го викале Јури. Кој е Ури Гелер, ве слушам како прашувате? Тој е „селебрити“, позната личност, главно во Европа, Евреин роден во Тел Авив, најпознат израелско-британски илузионист, магионичар, телевизиска личност и самонаречен јасновидец, претскажувач и мистик.

Ури беше исклучително популарен во седумдесеттите години (од минатиот век), време кога луѓето беа многу приемчиви, велат, за сите видови натприродни феномени. Тој го искористи фактот што сè поврзано со паранормално беше во мода, па стана човек во чија моќ веруваа милиони луѓе. Еден од најпознатите квалитети на Ури е тоа што тој вели дека може со поглед да витка лажички. И лажици. За ножеви и големи лажици за супа не. И го покажува тоа секогаш кога ќе му се укаже можност. Како почна сето тоа? На четиригодишна возраст го удрил гром, дошол дома да касне супа и половина лажица му останала в рака. Другата половина, нормално, завршила во супата. Потоа војска, па манекен, па шоу-бизнис во кој виткал лажици и придвижувал стрелки на часовници… Па, дури и ЦИА го тестирала, не само со лажици, ами со пренесување пораки на далечина со мисловна концентрација. За што има и потврда, која гордо ја покажа на телевизија. Ситни букви, оддалеку, ама ЦИА е тоа, нема шега со ЦИА, нели?

Подарок за БоЏо

И се појави така деновиве Ури на телевизија, по изборите на кои победи Конзервативната партија на поранешниот и сегашниот премиер Борис Џонсон да каже дека сето тоа е благодарение на – лажичката! Па, како доказ видовме како Ури, во присуство на членови на изборниот тим на Борис Џонсон (да, премиерот), витка со поглед една лажичка, им ја дава на гореспоменатите членови, тие сериозни, ама возбудени, им вели да му ја дадат на премиерот и дека работата е – завршена. И да видите чудо, по две недели, работата навистина беше завршена. Членовите на изборниот тим не коментираа, ама коментираше Ури. Во живо од Тел Авив свитка уште една лажичка, го покажа сертификатот од ЦИА и се понуди да биде поканет заедно со премиерот Џонсон заедно во емисија за да ја смират поделената земја, зашто тоа ќе му била следната мисија.

Засега мисијата на Џонсон е да ја извади земјата, вели конечно, надвор од Европската Унија, на 31 јануари следната година, што нема да му биде тешко, со оглед на тоа што има мнозинство во парламентот. А потоа ќе следуваат преговори со Унијата за деталите за излегувањето за кои само најголемите оптимисти мислат дека ќе биде лесно и ќе се заврши до крајот на идната година, а нив ги има многу малку и, главно, се во Ју-кеј. А Ури е уште во Тел Авив и чека на поканата.

Најдолгиот пат

Во меѓувреме, во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска опозицијата се обидува, и засега не успева, да сфати што ѝ се случи. А ѝ се случи вистинско цунами. Таканаречениот „црвен ѕид“ од традиционалните лабуристички општини, главно на северот од земјата – посине. Освен Лондон, ама Лондон секогаш бил посебна приказна. Дури и малите рударски и рибарски општини во кои немаше шанси некој ториевец да има шанси, не само што имаше шанси, туку радосно се заблагодари на гласачите што првпат во животот на некој Ториевец му дадоа доверба, на Борис Џонсон, кој пред некој ден положи заклетва во парламентот. Додека лидерката на либералдемократите Џо Свинсон веднаш поднесе оставка, грогираниот лидер на лабуристите Џереми Корбин, според многумина главниот виновник за поразот, размислува. И така размислувајќи, заборави да им се заблагодари на оние кои по подолг период ги загубија своите тешко стекнати пратенички места.

Лабуристите сега го одат најдолгиот пат пак да се најдат себеси, како во времето на Тони Блер. И да изберат нов лидер и да ја вратат партијата од крајната лева авантура која ги чинеше избори. Не некој од север од земјата, како што сакаат, за да ја поврзе партијата со северот, зашто ториевската победа беше водена од Борис Џонсон и неговите, главно од југот на земјата, образовани во Итон и Оксбриџ. И да решат кој пат да го фатат, оти чудни времиња дојдоа, па дури и на кралицата фигуративно ѝ падна круната од главата и на отворањето на новиот парламент се појави со шапка, а круната „одеше“ на перниче пред неа.

И така, избори. За нов(и) лидер(и). Колку ножеви се веќе извадени во оваа трка, ни Ури Гелер нема да биде од некоја корист. Нема да може да постигне. Патем, тој не витка ножеви, само лажици. А Борис Џонсон, велат, си ја чува својата лажичка на почесно место. Комотно мнозинство во парламентот, да, ама лажичката – свиткана, за секој случај, нека стои. Како симбол за добиените избори.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...