40 анимирани филмови на 9. „Анимакс Скопје фест“

46

Од денеска до 22 декември во Кинотеката ќе се одржува 9. Меѓународен филмски фестивал за анимирани филмови „Анимакс Скопје фест“, годинава под мото „Од дел до цел“.

Ќе бидат прикажани 40 анимирани филмови во официјалната програма и 10 анимирани филмови наменети за детската публика. Филмовите во официјална конкуренција се избрани од рекорден број пријавени анимации, а најмногу од Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Русија и Бразил, и ќе се натпреваруваат за наградата „Златна тула“. Голем дел од филмовите се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.

Во жирито на 9. „Анимакс“ се португалскиот аниматор Фернандо Гарлито, бугарската аниматорка Радостина Нејкова и македонскиот уметник Горан Трифуновски.

Фестивалот ќе биде отворен вечер во 20 часот. Филмовите за деца ќе бидат прикажани утре (сабота) во 14 и 16 часот и задутре (недела) во 12 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го избере победникот. Проекциите за деца се бесплатни.

Во рамки на фестивалот ќе биде организирана работилница за анимација наменети за деца „Џвакај и анимирај“ во која група деца под менторство на искусни едукатори и аниматори со помош на мастиките „Чунга лунга“ ќе изработат цртан филм во техниката стоп-анимација со необичен материјал – гуми за џвакање.

Организатор на „Анимакс Скопје фест“ е продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште „Тинтири-Минтири“ од Скопје. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и Град Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...