ЕП со резолуција против полските „зони без ЛГБТ“

Од почетокот на оваа година повеќе региони и општини во Полска прогласија „зони без ЛГБТ“, односно места кои се „ослободени од ЛГБТ идеологијата“ и каде, на пример, кафуле или ресторан има право да одбие да послужи припадник на ЛГБТ заедницата или да не му изнајми стан.

99

Европскиот Парламент денеска изгласа резолуција во која се осудуваат растечките хомофобични трендови и мерки во земји членки на Европска Унија, посебно е таргетирана Полска каде неодамна беа прогласени зони „ослободени“ од припадници на ЛГБТ заедницата.

Од почетокот на оваа година повеќе региони и општини во Полска прогласија „зони без ЛГБТ“, односно места кои се „ослободени од ЛГБТ идеологијата“ и каде, на пример, кафуле или ресторан има право да одбие да послужи припадник на ЛГБТ заедницата или да не му изнајми стан.

Околу осумдесет општини се приклучија кон овие „зони“, пред сѐ во југоисточниот дел на земјата, и кои се меѓу најконзервативните. Десетина лица беа повредени во јули кога беа нападнати од хулигани за време на Геј парада.

ЕП со денешната резолуција остро ја осудува оваа политика и ја повика Европска Комисија да се придружи. Резолуцијата бара Полска да ги отповика сите резолуции со кои се напаѓаат правата на ЛГБТ заедницата, вклучително и законот против „ЛГБТ идеологијата“.
Парламентарната меѓугрупа на Европскиот Парламент за правата на ЛГБТ го поздрави денешното гласање.

– Со оваа прва резолуција за правата на ЛГБТ, Европарламентот го дава тонот на новиот мандат со тоа што јасно става на знаење кои се неговите очекувања од другите институции и од земјите членки, а тоа почитувањето на основните права и борбата против дискриминацијата на ЛГБТ заедницата, како што се наведува во Повелбата на основните права на ЕУ, изјави Тери Рајнтке, копретседавач на групата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...