Министерството за труд и социјална политика ги повикува работниците и работодавачите да водат социјален дијалог за сите прашања поврзани со остварувањето на работничките права.
– Апелираме до работодавачите, доколу правата на трошоци за превоз и храна се регулирани со колективни договори, или со договори за вработување, да не им ги кратат на работниците овие права, бидејќи тоа е спротивно на Законот – велат од Министерството.
Оттаму посочуваат дека Законот за работните односи предвидува, односно дава можност работодавачот на свој трошок на работниците да може да им организира превоз до работа и од работа како и исхрана за време на работа.
– Трошокот за исхрана може да изнесува најмногу до 20% од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, а трошокот за превоз во висина на остварните трошоци во јавниот превоз. Трошоците за храна и превоз се предмет на договор во колективните договори и за истото треба да се договарaат работниците и работодавачите, или да се уредат со договорите за вработување – велат од Труд и социјала.
Истовремено МТСП ги повикува работодавачите да го исплаќаат законски утврдениот износ на минимална плата којашто сега изнесува 14.500 денари.
Министерството за труд и социјална политика ги охрабрува работниците и работодавачите да преговараат за работничките права и да потпишуваат колективни договори, бидејќи само задоволни работници носат до продуктивно производство.