Да прекине блокирањето на сметките, тоа не е законски и уставно и е спротивно на Декларацијата за човекови права. Сите закони кои сега ќе ги донесат надлежните треба да бидат ретроактивни да не важат од сега натаму, туку да важат наназад. Треба да има ветинг за извршителите, побараа денеска од неформалната организација „Стоп за извршителите“, која пред Министерството за правда организираше мирен протест против Законот за извршување.
Организаторите посочија дека денеска биле примени на средба од заменик – министерот за правда Оливер Ристовски и им било кажано дека заедно со Министерството за финансии и Народната банка ќе направат луѓето да плаќаат помалку пари за одблокирање на сметките.
– Ни одговорија дека работат на членот во Законот за облигациони односи, дека тој член ќе се врати назад дека главницата и каматата не смеат да бидат еден спрема десет, туку еден спрема еден. Значи ако должите илјада денари каматата не смее да надмине илјада денари односно вкупно да платите две илјади денари. Кажаа дека периодот на извршување кој беше и сега е десет години, ќе се намали на две години. Но, велиме ако е така веќе имаме разни долгови кои се стари по девет-десет години и овие две години многу работа нема да завршат. Сепак, се што прават е поместување, не можам да кажам дека нема помрднување од мртва точка. Имаат волја во овие две недели да направат нешто – изјави Ана Глигорова од организацијата „Стоп за извршителите“.
Таа посочи дека самиот чин на блокирање поединец, на физичко лице е кривично дело, бидејќи го доведуваат во животозагрозувачка состојба.
– Никаде го нема тоа, за мал долг од 500, 600 денари на човек да му блокираш сметка со плата на пример во петок попладне. Тој човек ќе остане буквално без основни средства за живот и се доведува во животозагрозувачка состојба – додаде Глигорова.
Драган Колевски од Скопје побара да има ветинг за извршителите.
– Колку и да не чинеше минатата Влада покажаа доблест, имаше акција отпис на долгови, како што има во Србија, Хрватска…Оваа Влада треба да има доблест за многу поголем отпис на долгови. Верувам ќе се најде решение – додаде Колевски.