Национално признание „Претприемач на годината 2019“ денеска беше доделено по 13- ти пат на најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во земјата.
Во категоријата мали претпријатија првата награда и припадна на Даниела Николовска менаџер на компанијата „Греемак груп“ од Скопје, а втората на Горан Цуцулески менаџер на компанијата „Гурмано-Кривогаштани промет“ од Кривогаштани.
Првата награда во категоријата микро претпријатија е доделена на Риза Реџепи менаџер на компанијата „Текника Риза“ од Кичево, а втората на Георги Дамчески менаџер на компанијата „Ипринт 2015 “ од Прилеп.
Вкупно 31 микро и мали претпријатија беа во конкуренција за избор. Овие компании изминатите 3 години имаат континуиран раст во број на вработени, вкупните приходи, добивка и инвестиции. Изборот на најдобрите е извршен преку анкетирање, посета на терен, анализа и оценка според прецизно утврдени критериуми.
Претседателката на Сојуз на стопански комори Данела Арсовска на прогласувањето на наградените рече дека на претприемачите им е потребна институционална поддршка која позитивно би влијаела на нивниот раст.
– Еден пример за таа поддршка е предлогот за дерегулација, преку отстранување на административните бариери и даночно ослободување во првите години од формирањето на компанијата, за компаниите да имаат можност да постигнат стабилност и раст. Бројот на претприемачи кои остваруваат континуиран раст покажуваат евидентно намалување, од 320 во 2007 година, во 2019 имаме 31 во конкуренција за избор, што треба да го вклучи алармот. Да се поддржат со тоа што ќе им се овозможи институционална дерегулација, да можат растеретени од секојдневните административни бариери да се посветат на раст на компаниите – рече Арсовска.
Организатори на националниот избор на Претприемач на годината 2019 се Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комора на северозападна Македонија, додека ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија, а поддржувач ќе Штедилницата Можности.