Владата на вчерашната седница во Куманово го утврди Предлог – законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, со кој се предвидува можност за легализација на дивоградби од значење за Републиката и од локално значење кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, а кои претставуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври годинава.
Како што соопштија од владата, предмет на тој закон се и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од државата односно од единиците на локална самоуправа, кои заклучно со 1 октомври годинава се градежна целина, а не и функционална целина, соопшти денеска владината прес-служба.
Од Владата потсетуваат дека со овој предлог закон не се опфатени сите видови бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на Конвенцијата на УНЕСКО, во границите утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион како и станбените згради и доградбите и надградбите на истите.
Според она што го кажа неодамна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, за легализација на дивоградба ќе се плаќаат комуналии за објектот плус 50 отсто од тој износ како казна, а од таа давачка ќе бидат ослободени лицата од социјален ризик.
За легализација на нелегални објекти ќе може да аплицираат граѓаните кои ги испуштиле роковите за доставување документација со сегашното законско решение.
За оние кои поднеле барање според стариот закон ќе важат одредбите според кои за легализација се плаќа по евро за метар квадратен.