Нема повеќе користење мобилни телефони од страна на наставниците за време на наставата во основните училишта, порача Александар Наумоски, градоначалник на Ѓорче Петров.
– Со цел непречено одвивање на наставниот процес, ја донесовме оваа мерка која стапува на сила од почетокот на второто полугодие. За секој наставник што нема да ја почитува, ќе следува дисциплинска мерка. Наставниот кадар во иднина за потребите на наставата ќе може да се служи само со друга информациско-комуникациска технологија, но не и со телефон – рече Наумоски.
Тој додаде дека учениците ќе можат да ги носат телефоните во училиште, но не ќе може да ги користат за време на наставата. За време на часовите, мобилните на учениците ќе бидат исклучени и ставени на определено место.