Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Општина Битола приредија мини саем на екоистражувачи на кој со свои екоиновации се претставија шест македонски основни и средни училишта.
Станува збор за дел од проектите на учениците од ООУ „Стив Наумов“-Битола, СОУУД „Димитар Влахов“-Струмица, ПСУ САБА-Скопје, ООУ „Манчу Матак“-Кривогаштани, СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“-Скопје и СОУ „Јосип Броз Тито“, кои ФИТР ги реализира во рамки на проектот „Предизвик за млади истражувачи“.
– Наша цел е да се поттикнува критичко и креативно размислување на младите и тоа да води кон охрабрување на младите, а потоа и да развиваат свои бизниси. Во проектот се вклучија 50 училишта со околу 500 ученици за што како финансиска поддршка беа обезбедени 15 милиони денари. Овие средства не се доволни, но доволно е за почеток и затоа оваа поддршка ќе продолжи, бидејќи државата ги поддржува младите. Нивните проекти нема да останат во фиока, туку ќе бидат реализирани – истакна Јован Деспотовски, директор на ФИТР.
На мини саемот во Битола, Деспотовски најави дека со поддршка од УСАИД ќе се креираат ученички компании за средношколци, до крајот на годината ќе биде објавен повик за старт-ап, а на почетокот од второто полугодие ќе биде објавен третиот повик „Предизвик за млади истражувачи“.
– Со овој проект се излегува надвор од теоријата и им се овозможува на младите низ реални истражувачки методи, тоа што го учеле во тероријата да го согледаат во реалност. На овој начин широко се отвораат вратите за младиум ум, за творечкиот дух и иновативноста и во таа смисла ние овие програми ќе ги поддржуваме – посочи Наташа Петровска, градоначалник на Битола.
На мини саемот во Битола презентација приреди и Технобен нова ДОО Прилеп.