Децата со полиберални и реални ставови, децата кои бараат да бидат разбрани и прифатени, кои сакаат да бидат вреднувани, кои сакаат да создаваат, тие наши деца најчесто, откако ќе се стекнат со диплома, патот го бараат во странските земји каде што можат да ја искажат својата љубопитност, знаење, односно севкупната индивидуалност. Тоа се истите тие „непослушни“ деца кои во текот на воспитно-образовниот процес се чувствувале најмногу задушени од нашиот воспитно-образовен систем, објаснува проф. Драгослав Копачев, невропсихијатар, во разговор за „Мајка и дете“.
Што да прави во вака поставениот образовен систем родителот за да му помогне на своето дете, греши ли тој некаде?
– Родителот секако посакува сѐ најдобро за своето дете и на свесно ниво можеби и не греши. Тој е само многу збунет. Кога кај децата нешто не оди во училиште, целата вина се „фрла“ врз родителите, лошото домашно воспитание, конфликтите меѓу родителите и слично. Односот меѓу училиштето и родителите стана однос меѓу налогодавач и послушник. Родителот мора да молчи, да ја прифати агресијата истурена врз него и сам да си го реши проблемот, инаку неговото дете ќе биде оставено „на цедило“. А не секој родител има можности да плати дополнителни часови за да му помогне на своето дете.
Од друга страна, честопати скапиот подарок, приватните услуги, па и митото, значат успех во учењето. Поради сѐ помалата видливост на родителот во воспитно-образовниот процес, денешните родители свесно или несвесно ја кршат личноста на децата. Сѐ помалата соработка на релација деца-родители-наставници направи само да се бара од децата, да се казнуваат, да се отфрлаат, што доведува до појава на стравови од неуспех, причини за бегства од училиштето и нарушени однесувања. А ако децата и младинците добијат чувство дека нивното мислење и ставови никој не ги уважува, тие подоцна и како возрасни ќе бидат несигурни, фрустрирани и агресивни личности.
Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“.