Лидерот на британската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, изјави дека нема да ја предводи оваа партија на следните избори по „многу разочарувачката ноќ“.
-Ова очигледно е многу разочарувачка ноќ за Лабуристичката партија, со резултатите што ги добивме. Нема да ја предводам партијата ни во каква идна предизборна кампања, рече Корбин, а пренесуваат британските медиуми.
Тој додаде дека Брегзит ја поларизира и подели дебатата во Велика Британија и дека ја поништи „толку нормалната политичка дебата“.
-Признавам дека тоа придонесе за резултатите кои Лабуристичката партија ги оствари вечерва ширум земјата, рече Корбин.
Конзервативната партија на Борис Џонсон оствари убедлива победа на вчерашните избори и обезбеди мнозинство во парламентот, со што е отворен патот кон реализација на Брегзит.
Според Би-Би-Си, конзервативците освоија 364, а лабуристите 203 пратенички мандати.
Поранешната британска премиерка Тереза Меј изјави дека резултатите од изборите, на кои Конзервативната партија освои убедлива победа, покажуваат дека Британија сега може да излезе од „политичка парализа“ кога станува збор за Брегзит.
Меј за Би Би Си истакна дека со овие избори е обезбедено „надминување на застојот во парламентот, спроведување на Брегзит и продолжување понатаму“.
Таа, исто така, верува дека нејзиниот наследник Борис Џонсон, откако ќе го „протурка“ договорот за Брегзит во парламентот, би може да обезбеди и договор со ЕУ до крајот на 2020 година.