Цементарница УСЈЕ АД Скопје доби награда за посветеност на унапредувањето на човековите права во бизнисот. Оваа награда се доделува во рамки на проектот „Поттикнување на принципите на бизнис и човекови права“, финансиран од Делегацијата на Европската Унија во земјава, а спроведуван од невладината и непрофитна организација Конект, во партнерство со Бизнис Конфедерацијата и во соработка со Мрежата на Глобалниот договор на Обединетите Нации.
Наградата е признание за позитивните практики на Цементарница УСЈЕ во унапредувањето на човековите права во самата компанија и во нејзиното деловно окружување. Проектот оценува дека Цементарница УСЈЕ е посветена на почитување на човековите права во сите области на нејзиното делување – кон вработените, партнерите и пошироката заедница. Покрај другото, се истакнува дека компанијата применува мерки за заштита на животната средина, не само оние предвидени со закон, туку и дополнителни практики со кои го намалува негативното влијание врз средината, дека користи системи за следење и стандарди за известување во внатрешната и надворешната комуникација, како и механизми на поплаки и надокнадување на штети, доколку некоја од засегнатите страни смета дека ѝ се загрозени човековите права.
Воведувајќи ја оваа награда, која годинава се доделува за прв пат, а ја добија вкупно седум компании, Проектот има за цел да ги истакне позитивните примери и со тоа да ја поттикне и промовира посветеноста на домашните компании за континуирано унапредување на човековите права преку нивните политики, оперативните практики и комуникацијата. Проектот посебно е посветен на мисијата компаниите своите практики да ги усогласуваат со „Водечките принципи за бизнис и човекови права на ОН“ и со „Целите за одржлив развој“.
Инаку, Цементарница УСЈЕ од 2008-та година, меѓу првите во државава, е потписничка и членка на „Глобалниот договор на Обединетите Нации“ кој ја пбврзува да ги почитува принципите на општествено одговорно делување во областите на човековите и работничките права, заштитата на животната средина, антикорупциското делување и коропративното управување и лидерство. Компанијата е повеќекратен добитник на национални награди за Најдобра општествена одговорна практика, а последната од овие награди ја доби на почетокот на месецов во категоријата „Односи со зедницата“ за проектот „Соработка за поквалитетно образование и кариерни можности“.