Петнаесетгодишниот Брињар Карл Биргисон од Рекјавик, Исланд, ја направи најголемата реплика на познатиот брод Титаник од лего коцки. Детето вели дека овој негов ангажман му помогнал да научи да комуницира.
Делото на тинејџерот е изложено во музеј во Тенеси. За бродот Титаник направен од коцки на Брињар му биле потребни 11 месеци да го склопи, употребил 56.000 лего коцки, а димензиите на репликата се седум метри должина и 1,5 метри висина.
Детето вели дека моделот на најпознатиот брод на светот му помогнал со неговата состојба.
– Ми беа потребни 11 месеци за да го направам моделот и потрошив 120 пакувања на лепак. Целата авантура ми помогна да излезам од мојата аутистична магла. Јас вежбав да бидам колку што е можно понормален, што и да значи нормален – изјавил Брињар Карл Биргисон за музејот во Тенеси, пренесе Би-би-си.
Откако слушнале за проектот на детето, од „Лего“ му дале попуст на некои од неопходните фигури.
Тој, исто така, ги собирал парите потребни за купување на коцки преку донации од неговото семејство и пријатели. Со помош од својот дедо, Брињар направил план користејќи оригинални скици на Титаник за да го одреди размерот.
– Јас едноставно морав да го изградам тој неверојатен брод и не се сомневав дека можам да го направам тоа. Како што се редеа коцките и бродот стануваше поголем, тоа стана опсесија – изјавил амбициозниот Биргисон на говор на ТЕД.
Тинејџерот ги поминал последниве пет години на турнеја со репликата во Норвешка, Шведска и Германија и давал интервјуа во земјите што ги посетувал. Во интервјуто за музејот во Тенеси рекол дека бил болно срамежлив и ретко зборувал кога го почнал својот проект.
– Тотално бев неспособен да комуницирам кога го почнав бродот. Сега стојам на бини и давам интервјуа – раскажува Брињар.
Сeга бродот е во Тенеси во музејот Титаник, каде ќе биде изложен до 2020 година. Од музејот изјавиле дека репликата е најголемиот лего модел од бродот што потона утрото на 15 април 1912 година.
Во трагедијата, откако Титаник удри во санта мраз во Атлантскиот Океан, загинаа околу 1.517 луѓе. Тоа беше неговото прво патување, на релација Саутемптон, Британија – Њујорк, САД.
ФОТО: Принтскрин/Фејсбук/Брињар Карл Биргисон