Документарниот филм „Медена земја“ ја освои наградата за најдобра камера на Фејми Даут и Самир Љума на најпрестижните награди за документаци ИДА, што се доделија синоќа во Лос Анџелес.
Документарецот во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја доби и наградата „Паре Лоренц“ која фестивалот ја доделува за „давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“. Нарадата ја прими режисерот Љубомир Стефанов.
Инаку, на ИДА „Медена земја“ имаше имае три номинации: за најдобар филм, за режија и за камера.
„Медена земја“ e македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020 на Американската филмска академија. Номинациите за 92. доделување на Оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а свеченоста е на 9 февруари. Ден претходно, во Лос Анџелес ќе бидат објавени добитниците на престижната американска награда Независен дух, предвесник на Оскарите, каде и „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец.