МЕПСО го демантира ЕВН: Не е утврдена причината за прекинот на струја!

902

МЕПСО реагираше на соопштението на ЕВН во врска со повремениот прекин на снабдувањето со електрична енергија на населби од централното подрачје на Градот Скопје, кое се случува од почетокот на оваа недела.

„МЕПСО во ниту еден момент не го оставил без напојување со електрична енергија приклучното место на кое се поврзува електродистрибутивниот систем  во трансформаторската станица „Скопје 3“. Стручните тимови на МЕПСО веднаш излегоа на терен и проверките утврдија дека денеска немало дефект ниту прекин во напојувањето со електрична енергија од трансформаторската станица „Скопје 3“ на која е поврзана електродистрибутивната мрежа. Повеќе информации за причините за прекините во снабдувањето со електрична енергија ве упатуваме да побарате во Операторот на дистрибутивниот систем.

Објавените информации се погрешни и се пласирани пред да заврши целосната проверка на фактичката состојба со цел утврдување на причините за прекините во снабдувањето со електрична енергија. Овој чин на објавување не е во функција на градење и јакнење на меѓусебна доверба и партнерски односи меѓу компаниите кои оперираат со преносниот и со дистрибутивниот систем. МЕПСО како и секогаш досега ќе остане отворен за соработка со единствена цел непрекинато и сигурно снабдување на сите потрошувачи со квалитетна електрична енергија“, се наведува во демантот на МЕПСО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...