Претседателот на Србија Александар Вучиќ ја оцени како „застрашувачка“ одлуката на судот во Приштина за поранешниот министер за администрација и локална самоуправа во косовската влада, Иван Тодосијевиќ, кој е осуден на две години затвор за изјавата со која настаните во Рачак во 1999 година ги нарече како „лажно злосторство“.
Вучиќ рече дека Тодосијевиќ е „чесен Србин од Звечан“ и дека во 1999 година во Рачак се работело за „фабрикувано злосторство, каде што сè било фалсификувано од светскиот хохштаплер и измамник Вилијам Вокер“.
Вучиќ додаде дека приштинските медиуми лажно ја прогласиле за почината секретарката на Оливер Ивановиќ, Силвана Арсовиќ, која синоќа била примена во болница, откако дознала дека е меѓу обвинетите за вмешаност во убиството на водачот на граѓанската иницијатива на СДП.
– Кој знае какви манипулации направија и што се обидоа да направат во врска со убиството на Оливер Ивановиќ – рече Вучиќ.
Говорејќи за продолжување на дијалогот Белград-Приштина, Вучиќ кажа дека „не ни треба признавање на Приштина, очекувам нормализација, но Приштина ги попречува разговорите и дијалогот“.
Потсетувајќи дека Белград е секогаш подготвен да ги продолжи разговорите за Косово со албанската страна веднаш штом ќе бидат укинати таксите, тој со тоа ја коментираше изјавата на Метју Палмер дека САД сакаат да видат целосна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што, како што прецизираше американскиот претставник, би значело взаемно признавање.
– Ние не копнееме за нивното признавање, а што се однесува до нормализацијата, го очекувам тоа, но никако да дојдат. Добро би било да ги продолжиме разговорите, иако не сум премногу оптимист – рече Вучиќ.
ФОТО: EPA / GEORGI LICOVSKI